Македонија и Словачка одиграа 1-1 во првиот од двата пријателски натпревари на селекциите за фудбалери до 18 години. Ова беше контрола на која на избраниците на македонскиот селектор Ерхан Селими им беа тестирани и фудбалското знаење, но и нервите.
Словаците поведоа, а потоа беше досуден пенал за Македонија и словачкиот голман Каланин почна да го провоцира Хисар Али со дофрлања и попречување на изведувањето на ударот од белата точка.
По кратко време пеналот се изведе и беше претворен во гол, а тогаш стрелецот Али имаше што да му каже на Каланин, па се создаде мешаница која не прерасна во инцидент, туку за кратко средбата продолжи нормално, како што е редот на вакви пријателски мечеви.
Вториот тест-натпревар е закажан за задутре, исто така во Скопје, со почеток во 13 часот.