Поранешниот дефанзивец на Милан, Тео Ернандес, кој сега игра за Ал-Хилал, откри зошто го напушти италијанскиот клуб.
„Преселбата во Ријад беше најдобрата одлука. Единствениот недостаток е сообраќајот, кој е ужасен. Не сакав да го напуштам Милан, мојот приоритет секогаш беше да останам“, призна Ернандес.
За начинот на кој замина од клубот, тој истакна:
„Кога дојдов во клубот, таму беа Масара, Бобан и мојот идол Малдини. Ибрахимовиќ беше на врвно ниво, но по заминувањето на Паоло, работите тргнаа на полошо. Знам дека направив грешки, како тие исклучувања против Фиорентина или Феенорд, но ние сме само луѓе. Не бев смирен и можев да постапам подобро, но навивачите знаат кој беше Тео во Милан.“
„Конечно имам можност да се изразам: има луѓе кои сакаат да ви го уништат животот и кариерата. Болеше кога читав некои работи, но моето семејство знае дека тоа не е вистина“, додаде тој.
„Заслужував подобар третман во Милан. Не го очекував тоа. Некои соиграчи ме молеа да останам, но кога менаџерот ти се јавува и ти вели: „Ако останеш тука, ќе те исфрлиме од составот“, што можев да направам? Морав да барам нова можност“, заклучи Тео Ернандес.

