Се водеше битка за потписот на Мартин Одегард и кога имаше само 15 години, а Реал ги престигна сите останати заинтересирани клубови поради нивната репутација. Четири години откако го направи трансферот во Мадрид, ултраталентираниот норвешки офанзивец мораше да бара минутажа на позајмици во холандската лига, а од оваа сезона го облече дресот на Реал Сосиедад.
Херенвен и Витесе не му помогнаа многу, но сосема друга приказна е на „Аноета“. Одегард блеска од стартот на сезоната за баскискиот тим, веќе забележа два гола и две асистенции во седум меча од Ла Лига. И не е само статистиката, Одегард прави голема разлика на теренот со своите дриблинзи и начинот на којшто ги разигрува соиграчите.
Неговите настапи не поминаа незабележано, а како што најавија одредени шпански, но и англиски медиуми, на Островот се подготвува „тепачка“ меѓу Арсенал и двата клубови од Манчестер за Норвежанецот. Според шпекулациите, наддавањето за Одегард може да достигне сума од 80 милиони евра.
Знаејќи дека тековната сезона влезе во третиот натпреварувачки месец, оваа сага допрва ќе се развива. Прво да му заврши позајмицата, па откако Реал ќе направи проценка дали треба да го продаде Одегард, сè ќе биде јасно во текот на летниот преоден рок во 2020 година.