Тер Штеген демантира заминување од Барселона

Марк-Андре тер Штеген ги демантираше гласините дека ќе ја напушти Барселона ова лето, иако во шпанските медиуми се појавија информации дека претседателот Жоан Лапорта е подготвен да го продаде за да го донесе голманот Жоан Гарсија.

Во изјава од тренинг-кампот на германската репрезентација во Херцогенаурах, Тер Штеген, истакна:

„Никој не разговарал со мене за тоа. Знам дека и следната сезона ќе бидам во Барселона.“

Голманот, чиј договор со клубот трае до летото 2028 година, оваа сезона одигра само девет натпревари поради сериозна повреда на коленото, но тврди дека тоа не ја променило неговата позиција во тимот.

„И во минатото сме имале одлични голмани. Во Барселона секогаш има голема конкуренција. Со нетрпение ја очекувам новата сезона бидејќи имаме млад, динамичен и амбициозен тим.“

Тер Штеген потврди и дека не разговарал со новиот тренер Ханси Флик.

„Не сме биле во контакт последниве денови. Немам причина да разговарам со него, нема никаква посебна ситуација.“

Сепак, дел од шпанските медиуми тврдат дека Лапорта веќе му дал дозвола на Флик да го продаде Тер Штеген, особено поради плановите за ребаланс на буџетот и ангажман на нов, помлад голман.

Од друга страна, Тер Штеген се враќа и во стартниот состав на германската репрезентација. Селекторот Јулијан Нагелсман најави дека ќе биде стартер во полуфиналето на Лигата на нациите против Португалија, кое се игра оваа среда. Во другото полуфинале играат Франција и Шпанија, а финалето е на 8 јуни.

- Оглас -

Најнови вести