На полувремето од натпреварот помеѓу Германија и Србија, Марк-Андре тер Штеген влезе на теренот да се загрева, а Мануел Нојер замина кон соблекувалната, но двајцата голмани иако се разминаа од блиску, не се ни погледнаа еден со друг. Ова е проблем за селекторот Јоаким Лев, кој мора да најде начин да го реши.
Лев му дава предност на 32-годишниот Нојер, кој ја носи и капитенската лента, иако шест години помладиот Тер Штеген е можеби и во подобра форма. И синоќа, на пријателскиот меч со Србите, Нојер прими гол, а Тер Штеген не, иако тоа не треба да биде некое мерило.
Иако беа на еден метар еден од друг, репрезентативните чувари на мрежата покажаа дека помеѓу нив нема блискост, туку студенило. Нојер гледаше некаде напред, а погледот на Тер Штеген беше упатен кон голот, на кој почна да се загрева 15 минути со тренерот Андреас Кепке.
И на квалификацискиот меч со Холандија, од првата минута на голот ќе биде Нојер. Германците велат дека ваква ситуација со двајца одлични голмани кои заслужуваат да бидат чувари на мрежата немале од 2006 година, кога за место на СП се бореа Оливер Кан и Јенс Леман.