Англискиот премиерлигаш Тотенхем покажува сериозн интерес за голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген, пренесува каталонското издание „Спорт“. Весникот додава дека лондончани се разочарани од сериозниот пад во формата на сегашниот голман Гиљелмо Викарио и во клубот расте уверувањето дека треба да се доведе квалитетна конкуренција за италијанскиот чувар на мрежата.
Викарио направи неколку сериозни грешки во последните недели и дури имаше расправии со навивачите, кои го исвиркаа по последната грешка во поразот од Фулхам.
Барселона од своја страна се обидува да се ослободи од Тер Штеген и од неговата висока плата. Лани летото двете страни влегоа во сериозен конфликт откако на „Камп Ноу“ беше доведен Жоан Гарсија од Еспањол и веднаш беше определен за нов „број еден“. Германскиот голман категорично одби да замине и наместо тоа се подложи на операција која го одвои од теренот за неколку месеци.
Германецот се врати во игра вчера во мечот за Купот на кралот, но во јануари ќе бара клуб во кој ќе игра редовно и ќе собира минути, за да биде подготвен за Светското првенство 2026. За него интерес покажаа Бешикташ, Болоња и Ајакс, но премин во Премиер лигата би бил многу попривлечна опција за Тер Штеген, особено ако добие гаранција дека ќе биде првиот избор на голманската позиција во Тотенхем.

