Барселона вечерва на свој терен го пречекува Манчестер јунајтед во реванш-мечот од четвртфиналето во Лигата на шампиони. Каталонскиот гигант има предност од 1-0 стекната по првиот меч на „Олд Трафорд“ и сега пред своите навивачи треба да го потврди местото во следната фаза.
Манчестер е во негатива, но се надева дека може да изненади како што го направи тоа во осминафиналето против ПСЖ. Тогаш англискиот гигант на свој терен загуби со 0-2, но на реваншот во Париз победи со 3-1. За да го повторат ова чудо, Манчестер ќе мора да му даде гол на Марк-Андре тер Штеген, кој најави дека Барселона не е ПСЖ.
„Ние играме на друг начин од тоа што го игра ПСЖ. Резултатот е опасен, предноста е минимална. Знаеме дека треба да ја контролираме топката во наши нозе како што правиме секогаш. Ќе ја играме нашата игра и ќе се обидеме да стигнеме до што е можно подобар резултат. Нашиот ривал сигурно ќе сака да победи. Тие сезонава покажаа дека против големи ривали можат да слават на гости, но ние сакаме да покажеме дека сме супериорни. Ќе биде тежок меч, каков што беше и првиот“, рече голманот на Барселона, Тер Штеген.