Иако Фернандо Алонсо ѝ стави крај на кариерата во Формула 1 и се посвети на Светското првенство во издржливост и на Индијанаполис 500, шпанскиот возач би можел на поинаков начин да ја продолжи соработката со британскиот тим на Ф1. Алонсо на Индијанаполис 500 ќе вози за тимот на Мекларен, а првиот човек на тимот, Зек Браун, јавно ја истакна својата желба за Шпанецот да биде тестер на болидите на Мекларен во новата сезона.
Браун ги потврди шпекулациите дека Алонсо би можело да биде тест-возач, што ќе им овозможи на главните возачи Карлос Саинс и Ландо Норис да учат од него.
„Разговаравме околу оваа улога, тоа ќе биде главна тема и во текот на зимата. Мора добро да ја испланираме нашата стратегија за следната сезона, а искуството на Алонсо ќе ни биде од голема корист, секако, доколку се согласи да биде наш тестер“, истакна Браун.
Сезоната 2019 започнува на 17-ти март, а првата трка ќе се вози во Мелбурн, за Големата награда на Австралија.