Македонската кошаркарска репрезентација синоќа пристигна во Талин, Естонија, а веќе од денеска напладне ќе може комплетно да се фокусира на мечевите кои следуваат во рамките од квалификациите за пласман на Европското првенство.
Утрово беа направени тестови за корона-вирус и сите членови на нашата репрезентација се негативни, што значи дека селекторот Александар Тодоров нема никакви здравствени проблеми и сите 12-мина кошаркари ќе му бидат на располагање.
Нашата селекција денеска од 17:15 часот ќе го има првиот тренинг во салата „Саку Сурхал“, каде што од 28 до 30 ноември ќе се играат мечевите од групата Г за пласман на ЕП 2022.
Македонија на 28 овој месец прво ќе игра против Италија, а два дена подоцна следува меч и против домаќинот Естонија. Најмладиот репрезентативец во нашиот состав, Лука Савиќевиќ, верува дека ќе ја искористи шансата дадена од селекторот Тодоров.
„Повикот за сениорската репезентација ми претставува голема чест. За првпат во кариерата имам шанса да бидам дел од сениорската репрезентација и тоа ќе биде едно ново искуство во мојата млада кариера. Подготвен сум за предизвиците кои стојат пред мене. Верувам дека ќе оствариме позитивен резултат и дека сите заедно ќе дадеме сè од себе за да дојдеме до таа цел. Изминатите неколку дена бев во можност да научам доста нови работи од постарите и поискусни играчи. Со повеќето од нив се познавам подолго време и доста ми помогнаа, секако, за многу полесно да се прилагодам на сениорската кошарка. Благодарен сум на добиената шанса и се надевам дека ќе ја искористам на вистински начин“, вели младиот кошаркар на МЗТ Скопје Уни Банка, кој треба да ја покрива племејкерската позиција во овој состав на селекторот Тодоров.