Фудбалскиот клуб Тетекс со ново соопштение и видео со предизборни ветувања на Градоначалникот Биљал Касами возврати на реакцијата на Општина Тетово за случувањата со фудбалските терени во овој град. Од тетовскиот второлигаш поставија низа прашања на кои општинските власти ќе треба да дадат одговор, но најавија и институционална борба за своето право да го користат Градскиот стадион и останатите фудбалски терени во Тетово.
Во продолжение комплетното соопштение на ФК Тетекс.
„До господата од општина Тетово.
На кој стадион играше Шкендија како второлигаш?
На кој стадион играше Ренова како второлигаш?
Неколку натпревари на Градски одигра и Руфеја од Милетино како второлигаш.
Скендербег од Порој и Чаклани од Палчиште играа на Градски во Купот на Македонија
Баражите за пополнување на Втората лига се играа на Градски во Тетово (случајно или не, играа: Фортуна, Вардар Форино, Влазними Струга, Башкими Куманово и Влазрими Кичево).
Нема реакција за стариот стадион кој со променети брави и катанци е узурпиран. Од кого? – Знае општината? Знае МВР? Знае ОЈО Тетово?
Нема реакција за теренот на АМС, каде што пионери и петлиња имаат предност пред прволигаши во женски фудбал и второлигаш во машки фудбал. Нерамноправна распределба на термините.
Кому Шкендија му плаќа за користење на Градскиот стадион? (можете да објавите доказ?)
Кому му плаќаше Ренова за користење на Градскиот стадион? (можете да објавите доказ?)
Кој и како одлучил дека стадионот смее да се користи само за Прва лига кога наведовме еден куп примери кога не било така? Дали советниците Македонци се консултирани и дали Советот донел таква одлука или советот има донесено ценовник со ставки за која лига по колку ќе се наплаќа. Кого консултиравте за да донесете таква одлука, која воопшто не е донесена. Објавете го документот дека така сте одлучиле со печат и потпис на овластеното лице од Општината.
Нема да застанеме! Или сите ќе бидеме рамноправни или никој! Ќе има протести!
Истовремено ќе започнеме и институционална борба:
– Ќе се обратиме и до Народниот правобранител,
– Ќе се обратиме до Комисијата за антидискриминација,
– Ќе се обратиме до Комисијата за антикорупција да се испита кој какви одлуки носи за спортските објекти во Тетово (не само за Градскиот) и дали некој плаќа за нивно користење,
– Ќе се обратиме до инспекторатот за Локална самоуправа дали одлуките кои ги носите врз основа на национална и навивачка припадност дали се законски,
– Ќе се обратиме до сите институции, Претседател на државата, Премиерот, Претседателот на собранието, сите пратеници, министри, но и Амбасади и меѓународни институции.
Тетекс ќе игра на Градски, ќе победиме и во оваа битка!
Да ја потсетиме и јавноста што ветуваше во изборната кампања сегашниот градоначалник.
Следуваат и нови материјали и докази… “
Соопштението и видеото кое го објавија од ФК Тетекс може да го погледнете ТУКА.