Екипата на Тетекс загуби со 4-1 на генералката пред првенството од Беса, иако “текстилците“ имаа водство се до 60-тата минута со погодокот на Михајло Јакимоски. Последните 30-тина минути беа фуриозни за екипата на Беса која со погодоците на Адеми, Алими, Ивановски и Скендери, не само што направи комплетен пресврт, туку на крајот забележа и убедлива победа.
Тетекс со далеку поголеми амбиции влегува во новото првенство на второлигашката конкуренција, за разлика од минатата сезона. Едно од засилувањата кое пристигна во клубот, Михајло Јакимоски, од новиот прволигаш Воска, на четири средби по ред се запиша во листата на стрелците и покажа дека ќе биде големо засилување за нападот на “текстилците“. Јакимоски прецизно стрелаше на контролните натпревари против Башкими, Кожуф, Саса и денес против Беса.
– “Одигравме добар натпревар против Беса, долго имавме водство. Сепак, она најважното ни следува веќе од следниот викенд кога започнува првенството. Во добра форма сум, погодувам на последните четири натпревари. Се надевам дека така ќе продолжам и во првенството, но сепак, во фудбалот е најважен успехот на колективот, на екипата која треба да победува и да освојува бодови.“ – вели Михајло Јакимоски.
Тетекс во првото коло ќе гостува во Прилеп, кај екипата на Победа, во дуелот на двете екипи кои во минатото не само што беа стандардни прволигаши, туку освојуваа трофеи на домашната сцена и ја претставуваа Македонија во европските фудбалски купови.