Тетовските Црвено-црни без проблеми против скопските Црвено-црни

Дуелот меѓу поранешните македонски шампиони кој се играше во рамки на 21-то коло во Првата фудбалска лига, меѓу Шкендија и Вардар заврши со убедлив триумф на тетовските Црвено-црни.

Шкендија со 3:0 го совлада Вардар и го искористи ремито на Струга за да се израмни со актуелниот шампион на второто место на табелата. Вардар по поразот остана на десеттото место на табелата со 21 бод.

Шкендија беше подобар тим во текот на целиот натпревар, а офанзивната игра во првото полувреме ја круниса со два гола преку Чинари. Прво во 34-тата минута Чинари го отвори резултатот, а пет минути подоцна погоди за 2:0. Шкендија можеше да има и три гола предност по првото полувреме, но ударот на Тотре од белата точка ја погоди пречката.

Во второто полувреме, Шкендија даде уште еден гол, преку Дита во 54-тата минута.
Сигурен настап пред своите гледачи имаа и Гостивар и Работнички.

Гостивар со головите на Потук во 67-та и на Такахара во 81-та минута со 2:0 го совлада тимот на Брера Струмица. Идентичен триумф оствари и Работнички против Брегалница благодарение на головите на Гандо во 45-тата и на Рашид во 80-та минута.

Единствената победа на гости ја оствари Воска која со 2:1 славеше против Македонија ЃП.

Лидерот на табелата, Шкупи пред своите гледачи одигра без голови против Тиквеш, додека во второто дерби на колото, Силекс и Струга исто така одиграа без голови.

Резутати:
Гостивар – Брера Струмица 2:0
Македонија ЃП – Воска спорт 1:2
Работнички – Брегалница 2:0
Шкендија – Вардар 3:0
Шкупи – Тиквеш 0:0
Силекс – Струга 0:0

Табела: Шкупи 43, Струга ТЛ 42, Шкендија 42, Силекс 29, Гостивар 29, Работнички 27, Брера Струмица 26, Тиквеш 26, Воска спорт 24, Вардар 21, Брегалница 20, Македонија ЃП 18.

- Оглас -

Најнови вести