Аргентинската фудбалска легенда Карлос Тевес, подготвува вистински фудбалски спектакл за својот проштален натпревар и има еден голем сон, да ги донесе Лионел Меси и Кристијано Роналдо на „Ла Бомбонера“ во Буенос Аирес на тоа негово простување.
Поранешниот напаѓач играше со Роналдо во Манчестер јунајтед, а со Меси во репрезентацијата.
„Ќе ги донесеме. Лично ќе одам да ги земам. Ги имам на WhatsApp“, се пошегува Тевес.
Тевес сака да покани голем број други легенди на клубови за коишто играше, меѓу кои: Едвин ван дер Сар, Рио Фердинанд, Немања Видиќ, Патрис Евра, Вејн Руни, Џанлуиџи Буфон, Леонардо Бонучи, Џорџо Кјелини, Андреа Пирло, Пол Сколс, Хуан Роман Рикелме. итн.
„Од едната страна Ван дер Сар, од друга Буфон. Во одбраната ќе ги имаме Фердинанд, Видиќ, спроти Кјелини и Бонучи. Евра, мојот брат, мора да биде таму. Во средината Пирло, Сколс, Рикелме. И, се разбира, напред Руни. Се смеевме додека бев во Јунајтед, јас, Џи-Сунг Парк и Евра, никој од нас не зборуваше совршено англиски, но некако се разбиравме. Луѓето се прашуваа како се разбираат овие тројца?, раскажа Тевес.