Динамо Брест одигра како по ноти и со убедливи 6:3 го елиминираше казахстанското фудбалско чудо Астана во првото квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Астана допатува како фаворит во Белорусија, а си замина понижена со шест гола во мрежата на Ериќ.
Гордејчук со два гола и Печенин и Седко со по еден погодок до 37-мата минута го декласираа гостинот, кој се обиде да се врати во игра, но докрај не успеа да направи пресврт.
Томасов и Ротариу намалија на 4:2 до 55-тата минута и кога Астана имаше иницијатива, прими петти гол за простување од надежите за пласман во второто квалификациско коло и продолжување на серијата настапи во фаза по групи во ЛШ и во ЛЕ.
Дијало погоди во 59-тата минута, по одличното додавање на познатиот ас Артем Милевски, а Динамо повторно замина на дистанца од 3 гола, што беше недостижна предност за гостите.
Ултраефикасниот меч со девет голови го комплетираа Бејсебеков со трет гол за Астана и Дијало со својот втор и за Динамо шести во самиот финиш.
Вечерва се играат уште два меча од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите.
Во Глазгов, Селтик води со 4:0 против Рејкјавик и веќе е речиси сигурен патник во второто коло во квалификациите за ЛШ.
Во Белград, Црвена ѕвезда има предност од 2:0 против Европа од Гибралтар.