Тежок удар за Милан: Донарума е позитивен на ковид-19

Џанлуиџи Донарума, голманот на Милан, е позитивен на ковид-19, се потврди на неколку часа пред дербито против Рома, со кое треба да се комплетира петтото коло во Серија А. Италијанскиот репрезентативец е еден од петтемина заразени во Милан, вториот играч е младиот Јенс Питер Хoге, додека уште тројца членови од стручниот штаб исто така се позитивни на корона-вирусот.

Тоа значи дека Стефано Пиоли ќе треба да посегне по алтернативите, најверојатно тоа ќе биде Романецот Сипријан Татарушану или пак братот на Џиџи, Антонио Донарума.

Отсуството на Донарума е тежок удар за Росонерите, ако се знае дека досега во четири лигашки средби Милан прими само еден гол, и тоа од Интер во градското дерби минатото коло, а во три наврати победи со сочувана мрежа. Колку што неиграњето на Донарума не е во полза на лидерот во Серија А, толку е добро за Римската волчица и најопасниот Един Џеко, кои вечерва ќе се потрудат да ја прекинат победничката низа на седумкратниот европски првак.

- Оглас -

Најнови вести