Сензација за историја – ТФТ Скопје го декласира МЗТ Скопје за прва куп титула

ТФТ Скопје приреди сензација и го освои првиот пехар во клупската историја со победа од 80:66 во финалето на македонскиот куп против МЗТ Скопје.

Скопското дерби му припадна на помладиот клуб, а фаворитот МЗТ Скопје пропушти шанса да биде рекордер со 11 титули во Купот.

Ландриус Хортон, кој одигра извонредно финале ја направи разликата на теренот, а со 23 поени беше и прв кошгетер на мечот.

Амир Смит имаше одличен дабл-дабл од 12 поени и 17 скока, Костовски имаше 13 поени, 6 скока и 5 асистенции, а одлично одигра целиот тим на ТФТ Скопје.

Аутсајдерот доби дури три четвртини, а во втората беше нерешено 20:20 и заслужено се закити со пехарот.

За МЗТ Скопје ова беше 15-то куп финале со што се израмија по бројот на учества во завршниот меч со Работнички. Двата македнски гиганти имаат и ист број на трофеи, по 10 во националниот Куп на Македонија.

Вечерва само четворица кошаркари на тимот од Аеродром имаа двоцифрен учинок, премалку за да се добие меч за пехар во националниот куп на Македонија.

Рикиќ беше прв стрелец со 16 поени, Робев постигна 12, Крстевски имаше 11, а Војдан Стојановски постигна 10 поени кај поразениот тим.

ТФТ минатата сезона влезе во Прва лига и досега имаше одиграно само три мечеви против МЗТ Скопје Аеродром. Во сите три меѓусебни дуели, аеродромци победуваа, но вечерва ТФТ славеше за првпат и тоа во најзначајниот меч во нивната клупска историја.

- Оглас -

Најнови вести