ТФТ си закажа полуфинална пресметка во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ против тимот кого лани го победи во финалето

Кошаркарите на ТФТ се последни полуфиналисти во Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ откако во последното четвртфинале со 78:73 го совладаа Работнички.

ТФТ одлично го започна натпреварот и со серија 13:0 поведе со 19:6, но најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија успеа да се врати во игра во втората четвртина, кога проработе шутот за три поени, Марковски даде три тројки и Работнички во 18-та минута поведе со 40:38.

На одмор се замина со минимална предност на ТФТ, а израмнето беше и во третата четвртина, во која двата тима постигнаа по 15 поени. ТФТ подобро ја отвори последната четвртина и успеа да поведе со седум поени разлика (65:58) и до крајот не ја испушти предноста за конечен триумф од 78:73. Најдобар кај ТФТ беше Бишоп со 23 постигнати поени, Костовски даде 18, а Ташовски 16 поени. Кај Работнички само тројца кошаркари постигнаа двоцифрен број поени, Форте и Малешевиќ дадоа по 27 поени, а Марковски 11.

ТФТ, кој е бранител на трофејот освоен минатата година, во полуфиналето ќе игра против МЗТ Скопје Аеродром, кој беше подобар од Кожув со 80:68. ТФТ токму МЗТ Скопје го победи во минатогодинешното финале и го освои првиот трофеј во клупската историја.

Во второто полуфинале ќе се сретнат Феникс 2010 и Пелистер. Феникс во драматичен натпревар со 72:70 го победи Гостивар, додека Пелистер славеше над Еуро Никел со 79:70.

- Оглас -

Најнови вести