ТФТ Скопје славеше над Златибор Чајетина со 87:79 и израмни на 1:1 во победи во четвртфиналето од плејофот во АБА 2 лигата. Единствениот македонски преставник во плејофот од АБА 2 до победата стигна со голем пресврт во второто полувреме и се избори за „мајсторка“ која ќе се игра на Златибор на 31 март.
Гостите од почетокот на мечот започнаа уверливо и поведоа со 9:2, а имаа и двоцифрена предност од 19:9. Златибор продолжи одлично и во втората четвртина, па во еден момент стигна и до убедливо водство од 18 разлика (45:27), додека на полувреме замина со позитива од 49:33.

Кошаркарите на ТФТ се разбудија во второто полувреме. Домашните играчи одиграа одлична трета четвртина и во еден момент стигнаа и до првото водство на средбата (60:59). Златобор потоа направи серија од 8:0 и во пресрет на решавачките 10 минути водеше со 67:60.
ТФТ во последната четвртина отвори со серија од 9:0 и го презеде водството, што беше најава за неизвесна завршница. Двете екипи се менуваа во водство, а Златибор водеше со 79:77, кога играчите на ТФТ заиграа одлично и во последните две минути направија пресврт, па со серија од 8:0 на 19 секунди до крајот водеа со 85:79 и беше јасно дека победата е за скопскиот тим.

