Екипата на ТФТ му се придружи на МЗТ Скопје во големото финале од плеј-офот за кошаркарски шампион на Македонија. Кошаркарите од скопско Тафталиџе со „метла“ и максимални 3-0 го елиминираа Работнички во полуфиналната серија и за првпат во својата историја ќе играат во финалето.
После победите од 98-90 и 71-59 на домашен терен, победи и со уште поубедливи 73-92 на гостувањето кај Работнички и сега ќе го предизвика најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија, воедно и бранител на титулата, МЗТ Скопје.
Работнички на третиот меч од полуфиналната серија пружи отпор само во првата четвртина, која ја доби со минимални 27-25, а во продолжение следуваше доминација на ТФТ. Гостите од Тафталиџе го добија вториот период со 11-23 и на паузата заминаа со водство од 38-48. Оваа предност стана недостижна за Работнички во третата четвртина, која ја доби противникот со убедливи 12-23 и со резултат 50-71 се влезе во последниот период.
Таму, ТФТ знаеше како да ја сочува предноста и да не дозволи неизвесност за конечни 73-92.