Кошаркарите на ТФТ успеаја да стигнат до првата победа и да намалат во финалната серија против МЗТ Скопје Аеродром на 2-1. Во еден натпревар со две различни полувремиња, но и со многу малку поени, ТФТ на крајот славеше со 63-58. На четвртиот меч од серијата повторно домаќин ќе биде ТФТ.
ТФТ го почна натпреварот фуриозно, а МЗТ Скопје не можеше да погоди речиси ништо во нападот. Гостите промашија дури 12 обиди по ред за три поени, а ТФТ успеа тоа да го искористи и да обезбеди голема предност.

Првиот период ТФТ го доби со 21-10, а и вториот го заокружи со 21-13, па на полувреме имаше 19 поени предност (42-23).
Но, кошаркарите на МЗТ Скопје добија лекција од тренерот Васко Атанасов на полувремето, па истрчаа на терен во третата четвртина како вистински тим, како вистински шампион.
Одлично затворија во одбраната, тргна и шутот, и ја анулираа целата негатива од првиот дел, добивајќи го третиот период со 10-29. Во последната четвртина се влезе со егал (52-52). Во тие моменти се чинеше дека МЗТ Скопје е во налет и дека е блиску до 12-тата шампионска круна.
МЗТ Скопје Аеродром продолжи со одлична одбрана, а ТФТ не успеа да постигне поени цели шест минути од последниот период. Имаше многу малку поени, а на две и пол минути до крајот, резултатот беше 56-56.
Ташовски погоди едно слободно фрлање во последната минута, а потоа беше досудена неспортска лична грешка на гостите, потоа и уште една, по што мечот беше решен. ТФТ славеше со 63-58.
Закари Браун постигна 20 поени, а Виктор Тошевски 17, во победничкиот тим на ТФТ.
Деон Едвин со 19 постигнати поени беше најрасположен во составот на МЗТ Скопје Аеродром.