Екипата на ТФТ е победник на меморијалниот турнир „Андреј Грковски Тафта“ кој беше во организација токму на клубот од скопската населба Тафталиџе. Во финалниот натпревар, „црно-белите“ направија комплетен пресврт во последниот период, и дојдоа до минимален триумф против актуелниот шампион – МЗТ Скопје Аеродром so 74:73.
Кошаркарите на МЗТ Скопје ја добија првата четвртина, а стартуваа уште подобро во втората. За неполни три минути, направија серија од 15:6, со која изградија прва посериозна предност, двоцифрена, 32:21. И го натераа тренерот на ТФТ, Боро Смилковски на ран тајм-аут.
Период од играта во кој новакот Елајџа МекКејден веќе имаше 14 реализации за екипата од Аеродром..
Нешто помала, 46:37, беше позитивата за „металците“ на крајот на првото полувреме од финалето на овој меморијален турнир во организација на ТФТ, екипа која во тие 20 минути го имаше одличниот Стенли Дејвис Џуниор кој веќе запиша 21 поен (8/14 во шутот од поле).
На другата страна Мек Кејден застана на бројката од 16 постигнати поени.
Првата половина од третата четвртина му припадна на домаќинот, кој со серијата од девет поени (примија само два), дојдоа до минус од само два поени, 46:48, како што стоеше на семафорот во СРЦ „Кале“ по 24 минути од играта.
Сепак, „бело-сините“ го одбија тој напад на ривалот…
По тројката на Војдан Стојановски, стигнаа и до највисоката предност, 61:48. Но, седумте поени по ред на кошаркарите на ТФТ во период од 80 секунди го оставија домаќинот „во игра“ за победа. По три одиграни четвртини, МЗТ Скопје водеше со 61:55.
Само за кратко, затоа што во неполна минута, двоецот, Дејвис Џуниор-Гордон, донесе израмнување, 61:61.
Во средината од последната делница, со четири поени, Петков отвори мини серија на гостите, за ново одвојување, сега на 73:66. Но ТФТ не попушти, напротив, успеа во сите тие обиди и да го преземе водството. По поентирањето на својот најефикасен играч. Дејвис Џуниор, на 68 секунди пред крајот, ТФТ имаше минимлни 74:73.
Резултатот остана непроменет до последната, затоа што, по тајм-аутот на тренерот Васко Атанасов, во оние три, колку што останаа до финалната сирена, Магдевски не успеа во додавањето во срцето на рекетот, доволно за минимален триумф на ТФТ.
Кај ТФТ, Дејвис Џуниор броеше до 31 поен (осум скока и четири асистенции), Гордон имаше 18 (плус пет.скока и три додавања), а репрезентативецот Виктор Ташовски заврши со 16 реализирани поени, пет скока и три асистенции.
Покрај МекКејден, кој заврши со 16 поени, во составот на МЗТ Скопје, двоен број на поени реализираа уште и Петков – 12, и Војдан Стојановски кој дополни со 10.
РЕЗУЛТАТИ
ПОЛУФИНАЛЕ
МЗТ Скопје Аеродром – Тиквеш Голден Игл 71:67
ТФТ – Кожув 82:76
ЗА ТРЕТО МЕСТО
Тиквеш Голден Игл – Кожув 86:87
ФИНАЛЕ
МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ 73:74