Реал Мадрид се прости од Начо, дефанзивецот кој целата досегашна кариера ја мина во Кралскиот клуб.
Начо во Реал дојде како дете во 2001 година, и цели 23 години беше неразделен со белиот дрес. Изминатава сезона беше прв капитен и имаше чест да ги крене пехарите во Лигата на шампионите и шпанската лига.
Начо остана на ветувањето дека во Европа би играл само за Реал. Тој кариерата ќе ја продолжи во саудискиот тим Ал Кадсија кој е нов прволигаш.
„Реал Мадрид сака да ја изрази својата благодарност он Начо, една од големите легенди на нашиот клуб. Начо пристигна во Реал Мадрид во 2001 година, кога имаше само 10 години и играше во сите категории на нашиот младински тим додека не стана првотимец во 2012 година. Оттогаш, 12 сезони го бранеше нашиот дрес во една од најуспешен во историјата на Реал Мадрид. За сето ова време одигра 364 натпревари и има освоено 26 титули: 6 европски купови, 5 светски клупски првенства, 4 европски супер купови, 4 лиги, 2 Купа на кралот и 5 шпански Суперкупа.
Сите навивачи на Реал Мадрид чувствуваат најголема гордост за еден од најлегендарните млади играчи во нашата историја. Реал Мадрид нему и на целото негово семејство му посакува многу среќа во оваа нова фаза од неговиот живот“, порачаа од Реал.