Кошаркарите на Париз се пласираа во плејофот на Евролигата откако вечерва го совладаа Реал Мадрид со 73-81 на гостински терен, во натпревар од плеј-ин фазата. Иако Кралвите не блескаа, ќе имаат уште една шанса за пласман во завршницата на натпреварувањето.
Париз одлично го отвори мечот и уште од самиот старт ја наметна својата игра. Францускиот тим водеше речиси постојано, а нивната предност постепено растеше. Првата четвртина заврши со предност од 22-27 за гостите, а во втората Реал не успеа да се врати, правејќи многу грешки кои парижаните знаеја да ги казнат. На полувреме резултатот беше 36-46 во корист на Париз.
Во третата четвртина Париз повторно отвори силно и стигна до двоцифрена предност, но Реал, со својата стара навика, се врати во игра. Во последната четвртина, со помош на Кампацо, Кралевите дојдоа до само еден поен негатива (63-64) на шест минути пред крајот.
Сепак, одличните Хифи и Ти Џеј Шортс беа незапирливи и не дозволија пресврт. Една минута пред крајот Париз ја врати значајната предност со водство од 71-79, а на крајот триумфираше со 73-81 и обезбеди пласман во плејофот, каде ќе се соочи со Фенербахче.
Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс беше најефикасен со 23 поени, а Хифи додаде 15. Кај Реал, Кампацо постигна 17 поени.
Реал Мадрид сè уште не е елиминиран, ќе има уште една шанса за пласман во плејофот во дуелот против Баерн Минхен, кој вечерва ја совлада Црвена ѕвезда по продолжение со 97-93.