Ти Џеј Шортс ќе игра во НБА-лигата?

Американскиот плејмејкер со македонски пасош, Ти Џеј Шортс, по извонредната дебитантска сезона во Евролигата во дресот на Париз, најверојатно ќе ја напушти Европа и ќе се пресели во НБА-лигата.

Како што пренесува францускиот портал „Баскет Европа“, Шортс постигнал начелен договор со Мемфис гризлис, што значи дека наскоро ќе го оствари својот сон и ќе дебитира во најсилната кошаркарска лига во светот.

Во Мемфис повторно ќе соработува со финскиот тренер Томас Исало, под чие водство настапуваше во Бон и во Париз. Оваа сезона, пак, Шортс соработуваше со бразилскиот стратег Тијаго Сплитер.

Ти Џеј Шортс има одличен успех зад себе во кариерата. Во 2023 година беше шампион и МВП на ФИБА Лигата на шампионите со Бон. Во 2024 беше шампион и МВП на Еврокупот со Париз. Во сезоната 2024/25 беше избран во идеалната петорка на Евролигата, водејќи го Париз до четвртфиналето во ова натпреварување

Со тоа, овој неверојатно талентиран плејмејкер прави импресивна транзиција: од ФИБА Лигата на шампионите → Еврокупот → Евролигата → НБА.

Иако неколку евролигашки гиганти му понудиле и до шестпати повисока плата од онаа што ја имал во Париз, Шортс, според истиот извор, сепак решил да ја прифати понудата од НБА, каде што го очекува ново поглавје во неговата кариера.

Во Евролигата сезонава оствари просек од 19 поени, 2,6 скока и 7,3 асистенции по натпревар.

- Оглас -

Најнови вести