Тие најмногу се радуваат што ќе се игра само по еден меч во Лигата на шампионите

Европската фудбалска федеација (УЕФА) е многу блиску до донесување одлука за доигрување на Лигата на шампионите на минитурнир во Лисабон. Според најавите, дуелите од четвртфиналето, полуфиналето и финалето ќе се играат на двата стадиони во главниот град на Португалија. Оваа сезона ќе биде поразлична од претходните затоа што четвртфиналните и полуфиналните битки ќе се играат во еден, а не како досега во два меча.

Доколку се игра само по еден меч, капитенот на Аталанта Папу Гомес верува дека тимот од Бергамо има поголеми шанси да направи чудо. Аталанта за првпат игра во Лигата на шампионите и веќе стигна до најдобрите осум екипи.

„Го допревме небото. Ова е неверојатно искуство и историски момент за клубот и градот. Ќе играме во четвртфиналето од Лигата на шампионите и искрено ни одговара ако тоа биде само еден натпревар затоа што во 90 минути сè е можно да се случи. Ќе биде спектакуларно“, вели Гомес.

Капитенот на Аталанта вели дека најдобро ќе биде доколку Аталана за противник добие тим од Шпанија, по можност тоа да биде Барселона со Лионел Меси.

„Се надевам дека ќе играме против Меси и Барселона. Според нашиот стил на игра, поголеми шанси ќе имаме ако играме против шпанска екипа, отколку да добиеме противник од Англија или Германија“, додава Гомес.

 

- Оглас -

Најнови вести