Макаби Тел Авив убедливо ја победи Црвена ѕвезда со 84-69 и дојде до првата победа сезонава во Евролигата. Но, на „гордоста на Израел“ му требаа дополнителни пет минути за да победи. Макаби ја доби првата четвртина со 24-13, но белградските „црвено-бели“ постепено ја топеа негативата и во финишот се изборија за драматична завршница, па победникот се одлучуваше во продолжение, откако во регуларниот дел заврши 67-67.
Во екстра-периодот, како да играат само домашните, па дојдоа и до висок триумф. Интересно е што бекот Скоти Вилбекин во регуларните 40 минути имаше само 7 поени, а во продолжението од пет минути даде 9. Со конечните 16 поени тој им донесе добивка на обложувачите кои прогнозираа дека натурализираниот турски репрезентативец ќе уфрли 15 или повеќе поени.
Армани Милано го доби едниот од двата најинтересни вечерашни натпревари во кошаркарската Евролига, а тимот на тренерот Еторе Месина беше и единствениот гостин кој се израдува на победа. Манекените го победија Панатинаикос во Атина со 79-78. Грците го имаа последниот напад, но не го искористија.
Московското дерби им припадна на Армејците, кои славеа над Химки со 99-86, а Мајк Џејмс уфрли 28 поени и беше најзаслужен што ЦСКА има скор 3-0. Жалгирис со одлична последна четвртина го совлада Реал Мадрид со 86-73. Фенербахче рутински ја победи Басконија со 87-80, а Баерн беше убедлив и во Минхен го растури Лион Вилербан со 104-63. За Реал, Химки и Вилербан ова беа први порази сезонава.