Тренерот на Јувентус, Тијаго Мота, беше бесен по елиминацијата на неговиот тим од Емполи во четвртфиналето на Купот на Италија. Бјанконерите загубија по изведување пенали, откако регуларниот дел заврши 1-1.
Според Мота, настапот на неговиот тим, особено во првото полувреме, бил срамен и не заслужувале да продолжат понатаму.
„Засрамен сум. Навистина ми е срам од нашата игра во првото полувреме и се надевам дека играчите чувствуваат исто. Не смееме да влегуваме во натпревари со ваков менталитет. Ова што се случи беше загрижувачко, а вината е моја. Очигледно не успеав да им пренесам на играчите колку е важен овој натпревар. Не сме во полуфиналето затоа што не заслуживме“, изјави Мота.
Тој го критикуваше пристапот на своите играчи.
„Се надевам дека критиките ќе бидат сериозни. Дури мислам дека навивачите беа премногу благи кон тимот по она што го покажавме во првото полувреме. Очекувам веднаш да реагираат затоа што сега се чувствувам засрамен од тоа што го видов. Секако, ја преземам и својата одговорност бидејќи не успеав да ги научам што значи да се носи дресот на Јувентус. Игравме против Емполи, и тоа против нивниот резервен состав. Кога зборуваме за менталитет, тоа значи да знаеш каде се наоѓаш и што треба да направиш. Мораш да заслужиш секој ден да бидеш тука, а не да очекуваш дека работите ќе се случат сами од себе. Влеговме на терен со погрешен став и не покажавме ништо. Направивме грешка што е недозволива во овој клуб – пристапивме на натпреварот со погрешна психологија. Барем 20 пати ја вративме топката кон голманот, никој не преземаше одговорност, никој не одеше напред, сите очекуваа некој друг да ја заврши работата. Ова е недозволиво. Единствено што можам да направам е да им се извинам на навивачите затоа што со оваа елиминација го допревме дното“, додаде стратегот на Јувентус.