Централниот дефанзивец Тијаго Силва беше една од клучните фигури во победата на Флуминенсе со 2-0 против Интер во осминафиналето од Светското клупско првенство. Ветеранот, кој има веќе 40 години, го предводеше бразилскиот тим со капитенската лента и одигра со огромна пожртвуваност, инспирирајќи ги соиграчите до голема победа над италијанскиот вицешампион.
По натпреварот, Тијаго Силва откри со насмевка дека во подготовките за мечот добил вредни совети од тренерот на Милан, Масимилијано Алегри.
„Разговарав со Алегри порано оваа недела и го прашав за совет околу играта на Интер. Ми сподели многу корисни информации, кои потоа им ги пренесов на соиграчите. Може да се каже дека и Алегри има свој удел во оваа победа“, се пошегува Силва по натпреварот.
Флуминенсе обезбеди пласман во четвртфиналето на Светското клупско првенство, каде ќе се соочи со Ал-Хилал, кој го елиминира Манчестер сити.