Тијаго Силва, дефанзивецот на Челзи, првпат проговори околу разделбата со ПСЖ. Екскапитенот на Светците го критикуваше односот на управата кон него, односно на начинот на кој си замина од „Паркот на принцовите“, каде што помина седум успешни години.
„ПСЖ не покажа ни трошка почит кон мене, а тоа се случи и со Кавани. Управата никогаш не ме праша дали сакам да останам, не понудија ниту едно евро. Тоа многу ме погоди. Да бев таму една сезона или неколку месеци, ќе го разберев односот, но јас бев капитен цели седум години и заедно остваривме многу успех. Имаа доста време да најдат начин како да се простиме, но тоа никогаш не се случи. Знаев дека финалето против Баерн Минхен во ЛШ ќе ми биде последен натпревар во дресот на ПСЖ, па му кажав на мојот агент да започне преговори со други клубови. Понудата од Челзи стигна набрзо по тоа финале, за која не се двоумев да ја прифатам. И јас и Единсон заслуживме многу повеќе респект за сè што сторивме за тој клуб“, истакна Силва.
Бразилецот на 36 години започна авантура во Премиер лигата во екипата на Челзи, додека Кавани замина кај ривалот Манчестер јунајтед.