Седмото коло од ракометната Супер лига на Македонија го комплетираа екипите на Тиквеш и Еурофарм Пелистер со нивниот меѓусебен меч во Кавадарци, кој беше одложен поради настапот во Европскиот куп на „лозарите“.
Битолчани иако синоќа играа против Барселона, дојдоа до планирана победа во Кавадарци и се искачија на третата позиција на табелата со три бода помалку од лидерот Вардар, кој е максимален по седум кола.
Еурофарм Пелистер славеше со 30-25, иако кавадарчани цели 45 минути пружија достоен отпор на шампионот. По убедливата игра на стартот од првото полувреме, Тиквеш успеа да се врати, а на стартот од второто полувреме и да израмни на 19-19. Следуваше мини-серија на битолчани од два гола, а по 45 минути игра во Кавадарци беше 20-21. Сепак, тоа беше се што направија кавадарчани на овој меч.
Следуваше серија од 6-0 на Еурофарм Пелистер и прашањето околу победникот веќе беше решено.
Мохамед Магди од екипата на Тиквеш беше најефикасен на натпреварот со осум гола, додека во победничкиот состав во листата со стрелците се запишаа дури 11 ракометари, а четворица од нив постигнаа по пет гола – Хекбарт, Тајник, Петар и Павле Атанасијевиќ.