По десетдневна пауза, продолжуваат возбудувањата во Прва фудбалска лига на Македонија, и тоа со дуелот кој во Куманово ќе го играат Башкими и Тиквеш од 12:30 часот. Ова е меч на две екипи кои се мирни барем кога се работи за опстанок во лигата и се на петтото и шестото место на табелата.
Тиквеш е во одлична форма и има четири победи по ред, но и Башкими игра солидно и победи трипати во последните четири средби што ги играше.
Башкими сезонава во 12 меча на свој терен има шест победи, две ремија и четири порази, додека Тиквеш на гости е со биланс од по пет победи и исто толку порази и само едно реми. Интересно е дека Тиквеш победи на последните четири гостувања, и тоа без да прими ниту еден гол, а постигна дури 16 погодоци во победите над Брера, Шкупи, Македонија ЃП и Арсими.
Сезонава Башкими и Тиквеш одиграа два меча на кои Башкими дома славеше со 3:1, а Тиквеш во Кавадарци беше подобар со 3:0.

