Доказ дека веќе нема аутсајдери во европските купови и дека сите знаат да играат фудбал и да победуваат, покажа екипата на Санта Колома од Андора. На домашен терен, Санта Колома направи подвиг откако успеа да ја анулира Сутјеска од Црна Гора.
По првиот меч одигран во Црна Гора, Сутјеска имаше предност од 2:0 и малкумина веруваа дека екипата од Андора ќе успее да ја анулира оваа негатива. Но, домашните фудбалери веруваа во своите можности и со гол во 35-тата минута најавија дека се подготвени за мало чудо.
Во 71-вата минута Санта Колома стигна и до 2:0, што значеше целосно анулирање на негативата од првиот дуел. Откако по 90 минути беше 2:0, мораше да се играат продолженија, а тука домаќините не сопреа. Во 96-тата минута, Гаридо погоди по трет пат за Санта Колома, што беше водство од 3:0 и конечна победа над Сутјеска.