Рома немаше милост во дуелот против Емполи и победи со убедливи 7:0 во дуел од четвртото коло во Серија А. За Рома ова е прва победа сезонава, и тоа во голем стил, а беше најавена уште во првите 10 минути, кога домаќините веќе водеа со 2:0.
Римската волчица до крајот на првото полувреме даде уште еден гол, а серијата погодоци продолжи и во вторите 45 минути. Дибала погоди за 4:0 во 55-тата минута, а во периодот од 80-тата до 86-тата минута следуваше ново гол-шоу на домаќините за убедливи 7:0.
За Рома ова беше најубедлива победа во последните речиси 17 години. Волчицата со 7:0 немаше победено уште од ноември 2006 година, кога со овој резултат се радуваше против Катанија. Емполи за првпат во историјата прима повеќе од пет гола во дуел од Серија А.
Овој резултат од 7:0 покажува дека тренерот Жозе Мурињо освен докажаниот „автобус“ за гранитна дефанзива, покажа дека има и арсенал со тешка муниција за погодоци.
Во речеси 25-годишната тренерска кариера, само двапати претходно се случило тим предводен од Мурињо да има поголема победа. Тоа било во декември 2010 година, кога како предводник на Реал Мадрид го демолираше Леванте со 8:0 во меч од Купот на Шпанија. Со 8:1 Реал ја победи Алмерија во мај 2011 година и тоа се единствените двапати кога тим на Мурињо постигнал по осум погодоци.
Освен синоќа, со 7:0 тимови на Мурињо победувале и во мај 2011 година, кога Реал Мадрид ја понижи Малага, а во далечната 2001 година, во декември како предводник на Униао де Леирија славеше со 7:0 над Салгуерос во Португалија.