Германскиот репрезентативец Тимо Вернер од 1 јули и официјално ќе биде нов член на Челзи. Играчот кој во дресот на Лајпциг го покажа целиот свој талент реши да ја напушти Бундеслигата и да продолжи во англискиот тим. За реализација на овој трансфер, Челзи плати 65 милиони евра оштета.
Вернер се поврзуваше како можен нов играч на Ливерпул, но едноставно сопственикот на Челзи, Роман Абрамович, даде понуда која не се одбива. Откриено е дека Вернер потпишал договор според кој годишно ќе заработува по 16 милиони евра. Ако остане сите пет сезони, Вернер вкупно ќе заработи 80 милиони евра, а ако се додадат и 65-те милиони дадени за раскинување на договорот со Лајпциг, значи дека Челзи за овој играч во пет години е подготвен да потроши дури 145 милиони евра.
Вернер сезонава игра одлично за Лајпциг и даде 26 гола во 33 првенствени меча, но сепак реши дека е време да ја промени средината, па се одлучи за Челзи, иако уште не е сигурно дали овој клуб ќе успее да обезбеди место во Лигата на шампионите за следната сезона.
Едноставно, парите беа пресудни за 24-годишниот германски репрезентативец да се пресели на „Стемфорд бриџ“. Токму вечерва Челзи игра еден од клучните мечеви на свој терен против Манчестер сити во трката за да остане меѓу топ-4 на табелата и следната сезона повторно да игра во Лигата на шампионите.