Елиминацијата на Барселона од Лигата на шампионите не минува без последици, и тоа не само спортски и финансиски, туку и во соблекувалната на Барса.
Се појавува поделеност во тимот по изјавата на искусниот Илкај Гундоган, кој смета дека судијата не е виновен за поразот и дека Роналд Араухо не требало да направи фаул за црвен картон.
На страната на Гундоган застана голманот и негов сонародник Марк-Андре тер Штеген, а и Френки де Јонг, иако Холанѓанцот не толку отворено.
Другата „струја“ ја предводи колегата на Араухо од одбраната, Жил Кунде, а со лајк го поддржаа Маркос Алонсо, Сержи Роберто и Витор Роке.
„Огромно разочарување што не се квалификувавме во полуфиналето кога имавме сè за тоа. Патем, победуваме како тим, а исто така треба и да губиме како тим, секогаш. Треба да закрепнеме и да се подготвиме за Ел Класико“, напиша Кунде.
Гундоган ги критикуваше соиграчите и по поразот од Реал Мадрид есеноска, а негови блиски велат дека тоа е негов начин на зборување, директно и отворено, и дека во никој случај не се работи за осудување на колега.