Фудбалерите на Манчестер јунајтед сепак сезоната ја завршија со трофеј, откако во финалето во ФА Купот со 2:1 го совладаа градскиот ривал, Манчестер сити.
Ова е 13-ти трофеј за Црвените ѓаволи во ФА купот и сега имаат само еден трофеј помалку од Арсенал кој има 14 триумфи. Последниот трофеј во најстарото клупско фудбалско натпреварување, Манчестер јунајтед го освои во 2016 година кога беше подобар од Кристал палас со 2:1.
Со триумфот, Црвените ѓаволи му се реваншираа на градскиот ривал за минатогодинешниот пораз од 1:2 во финалето на ова натпреварување.
Победата на Манчестер јунајтед му ја донесоа тинејџерите, 19-годишните Алехандро Гарначо и Коби Маино кои головите ги постигнаа во првото полувреме.
Резултатот го отвори Алехандро Гарначо во 30-тата минута по асистенција на дефанзивецот на Сити, Јошко Гвардиол.
Имено, Диого Дало од својата половина ја исфрли топката, Гвардиол сакајќи да му додаде со глава на голманот Ортега, ја префрли топката преку сопствениот голман по што на Гарначо не му беше тешко да се смести топката во мрежата.
Девет минути подоцна, одличната акција во шеснаесетникот на Сити, со гол на круниса Коби Маино по додавањето на капитенот Бруно Фернандес.
Манчестер јунајтед можеше во првиот дел да ги реши дилемите околу победникот, но голот на Маркус Рашфорд во првото полувреме беше поништен поради офсајд.
Во финишот, Манчестер сити во 87-та минута преку Жереми Доку го намали резултатот на 2:1, но тоа беше се што успеаја да направат Граѓаните.