Данскиот тенисер Холгер Руне е еден од оние играчи од младата генерација кои во 2022 година покажа дека треба да бидат иднината на светскиот тенис. Годината ја заврши на 11 местона АТП листата, а во 2022 се радуваше на три титули. Беше најдобар во Минхен, Стокхолм и на Мастерс серијата 1000 во Париз, што секако е негов најголем успех во кариерата.
Руне верува дека 2023 година може да ја започне со титула на првиот Гренд-слем во сезоната, Отвореното првенство на Австралија.
„Мислам дека може да бидам шампион. Знам дека ќе биде тешко затоа што има многу добри тенисери кои се способни да стигнат до титулата, но јас на секој меч влегувам со сто отсто и подготвен сум да бидам максимално сконцентриран“, оптимистички најавува Руне, кој има само 19 години.
Младиот тенисер е свесен дека нема големо искуство на вакви турнири, но неговата желба е посилна од се.
„За мене ќе биде многу важно првите две кола да ги поминам без многу мака, затоа што имам помалку искуство. Ќе биде лошо ако поминам многу време на теренот и потрошам многу физичка и ментална енергија. Мора да бидете максимално подготвени ако сакате да освоите еден Гренд-слем. Немам многу искуство со играње во пет сета, но полн сум со самодоверба и сакам да победам“, коментираше Руне, кој утре игра против Нишиока, во меч од турнирот во Аделаида.