Кристијан Тошевски и Филип Најдовски имаа успешно деби како играчи на албанскиот првак Тирана откако вечерва, во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите со 2-0 го победија Динамо Тбилиси, и тоа на негов терен во Грузија. Македонските дефанзивци го одиграа цел меч и успеаја да придонесат Тирана да не прими гол. За Кристијан и Филип ова беше деби во дресот на Тирана, каде што дојдоа од Вардар.
Тораса во 45-тата и Исмајлгечи во 86-тата минута беа стрелци на головите за Тирана, а Тошевски доби жолт картон во 72-рата минута. Албанците се изненадувачки победник на овој меч, и сега имаат премија, играње дома против Црвена ѕвезда во следното коло. Ѕвезда ќе треба да гостува во Тирана и на српскиот првак, кој сака да биде дел од групите во ЛШ, нема да му биде лесно како во оваа рунда против Европа од Гибралтар.
Македонскиот претставник Силекс беше елиминиран, но во следната рунда ќе имаме барем интернационалци кои ќе го претставуваат нашиот фудбал.