Ракометарите на Вардар 1961 го совладаа Еурофарм Пелистер на гости со 22-27 и направија голем чекор кон шампионската титула. Иако е сѐ уште рано да се зборува за трофеј, Црвено-црните имаат голема бодовна предност на врвот на табелата.
Вардар беше подобар во почетните минути, но потоа Пелистер преку Граховац и Хосни поведе со 3-2 и презеде контрола над натпреварот. Никола Митревски блесна со неколку клучни одбрани, внесувајќи самодоверба во Зелено-белите. Два гола во низа постигна Манасков, а капитенот Кузмановски зголеми на 7-4.
Но, Вардар не се предаде, а голманот Милош Валах не дозволи предноста на домаќините да се зголеми, иницирајќи серија за израмнување на 7-7. Натпреварот беше егал до 8-8, по што Пелистер повторно направи серија со два гола на Хакбарт и се врати на плус три (11-8).
Да Силва намали на 12-11 и на одмор се замина со плус еден за битолчани.
Но, Валах, голманот на Вардар, кој блескаше на голот, во корелација со цврстата одбрана на Црвено-црните која го сопре Филип Кузмановски, беа клучните елементи за гостите да направат голем пресврт во вториот дел.
Вардарци делуваа разиграно, Малус го даде својот очекуван ефект во нападот, а кога беше потребно погодуваа и Милан Лазаревски и Гоце Георгиевски. Милош Валах имаше десет одбрани на голот на РК Вардар 1961.
Кај Еурофарм Пелистер, Дејан Манасков, Андреј Видомски, Рудолф Хакбарт и Филип Кузмановски дадоа по три гола, а Никола Митревски забележа седум одбрани

