Ждрепката за четвртфиналето во Лигата на шампионите е утре во 12 часот, со нетрпение ќе се очекува одредување на двојките, а она што ќе биде необично, е што првпат после пет години, во четвртфиналето нема италијански клуб. Ова е петти пат во историјата на ЛШ меѓу осумте најдобри да нема тим од Серија А. Интер не ја мина ни групата, а патот на Јувентус, Аталанта и Лацио заврши во осминафиналето.
Баерн Минхен и Манчестер сити важат за главни фаворити за освојување на ушлестиот трофеј на УЕФА, но има една традиција која трае од 2013 година, која им оди во прилог на Реал Мадрид и Челзи. Од 2013 наваму, во редовите на европскиот првак секогаш имало Хрват. Кај осумте годинешни четвртфиналисти, Хрвати во своите редови имаат само Реал (Лука Модриќ) и Челзи (Матео Ковачиќ).
Оваа низа почна во 2013 година кога Марио Манџукиќ се искачи на европскиот трон со Баерн Минхен. Во 2014 година, Модриќ освои титула со Реал, во 2015 година европски првак стана Иван Ракитиќ со Барселона, а потоа три години по ред титула освојуваа Модриќ и Ковачиќ како членови на Реал Мадрид. Во 2019 година, европска титула освои Дејан Ловрен како играч на Ливерпул, а лани со Баерн трофејот го крена Иван Перишиќ.
Реал и Челзи не се во првиот ред на главни фаворити, но присуството на хрватски фудбалери можеби ќе им донесе среќа и голем успех.