Инцидент со расистички навреди го засени натпреварот во Скопје меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, кој заврши со победа на македонскиот тим по продолженија (2-1) и пласман во следната фаза од квалификациите за Лигата на шампионите.
По натпреварот, ТНС јавно се пожали дека нивниот фудбалер Арамајд Оте бил цел на расистички навреди од страна на навивач на Шкендија. Според тврдењата на клубот, Оте бил длабоко потресен и расплакан по инцидентот.
Тренерот на ТНС, Крег Харисон, го потврди случајот и ја изрази својата поддршка за фудбалерот.
„Арамајд беше емоционално скршен по настанот. Не може да се толерира вакво однесување на ниту еден стадион,“ изјави Харисон.
Во официјално соопштение, клубот остро реагираше:
„ТНС силно и недвосмислено го осудува расистичкото навредување упатено кон Арамајд Оте од страна на член на домашната публика по завршувањето на натпреварот против Шкендија. Апсолутно нема место за расизам – ниту во фудбалот, ниту во општеството. Сите во клубот му нудат целосна поддршка на Оте и цврсто стојат покрај него. Њу Сејнтс се горди што ја поддржуваат кампањата „#NoToRacism“ на УЕФА и остануваат посветени на промовирање на еднаквост, почит и инклузија и на теренот и надвор од него.“