Тоа беше совршенство од екипа: Ноќта кога пред точно 25 години дрим тимот на Ајакс ја покори Европа (Видео)

Низ историјата на европскиот фудбал постојат многу генерации кои воодушевувале на теренот. Меѓу оние дрим тимови кои ќе се памeтат уште долго, секако е генерацијата на Ајакс од 1995 година. Пред точно 25 години, холандскиот гигант имаше тим кој беше машинерија и страв и трепет за сите.

Со Луи ван Хал како тренер, Ајакс имаше состав со просечна старост на играчите од 23 години. Тоа беше совршена комбинација на играчи од домашната школа која беше една од најпознатите во светот. Во групната фаза Ајакс заврши со четири победи и две нерешени за заслужено прво место. Уште тогаш беше јасно дека Ајакс има шампионски тим, посебно ако се знае на два пати му оддржа лекција по фудбал на актуелниот првак Милан (победа од 2:0 во Амстердам и триумф со ист резултат во Милано).

Без многу проблем Ајакс ги елиминираше Хајдук Сплит и Баерн Минхен во нокаут фазите и се избори за место во финалето, каде повторно за ривал го добија Милан. Росонерите со Фабио Капело на клупата знаеја дека ќе мора да подготват посебна стратегија против тимот од кој два пати веќе загубија таа сезона.

Ако Ајакс беше тим составен од домашни млади и талентирани играчи, Милан беше моќен состав од скапи светски ѕвезди. Џанлуиџи Лентини кој во тоа време беше најскап фудбалер во светот, вредеше повеќе од целиот состав на Ајакс. Сепак, талентот и знаењето на младите фудбалери на Ајакс не можеше да ги сопре ниедни пари на светот.

Милан одлично се бранеше, а тогаш Луи ван Хал го направи еден од најдобрите потези во кариерата. Од игра го извади „моторот на Ајакс“, Јари Литманен, а во игра го внесе младиот тапентиран 19-годишен тинејџер Патрик Клајверт. Само шест минути откако влезе во игра, Клајверт го даде погодокот за победа од 1:0 на Ајакс и радост за европска титула на гигантот од Амстердам. Милан не само што ја предаде европската круна, туку мораше да се поклони на Ајакс, тим против кој во три меча таа сезона не му даде ниту еден гол.

Во 11 меча, Ајакс таа сезона имаше седум победи и четири нерешени без ниту еден пораз. Во финалето на стадионот „Ернст-Хапел“ во Виена, на теренот имаше многу блескави имиња.

За Ајакс во стартниот состав настапија: Едвин ван дер Сар, Михаел Рајзингер, Дани Блинд (капитен), Франк Рајкард, Франк де Бур, Кларенс Сидорф, Финиди Џорд, Едгар Давидс, Роналд де Бур, Јари Литманен и Марк Овермарс. Од клупата за резерви влегоа Нванко Кану и херојот на финалето Патрик Клајверт.

Милан во финалето играше во состав: Себастијано Роси, Кристијан Панучи, Паоло Малдини, Деметрио Албертини, Алесандро Костакурта, Марсело Десаи, Даниеле Масаро, Звонимир Бобан, Марко Симоне. Од клупата за резерви влегоа Џанлуиџи Лентини и Стефано Еранио.

 

- Оглас -

Најнови вести