Тоа е големината на Баерн: Ќе игра меч за спас на Кајзерслаутерн

Некогашниот шампион на Германија, Кајзерслаутерн се наоѓа во незавидна ситуација. Поради долгови, клубот не може да добие лиценца за настап во третата германска лига за следната сезона, па на помош се појави Баерн Минхен.

Најтрофејниот германски клуб организира меч за спас на Кајзерслаутерн. Дуелот ќе се игра на 27 мај, на стадионот „Фриц Валтер“, а сите собрани финансиски средства ќе одат во касата на Кајзерслаутерн за да се соберат пари за спас на клубот и да се добие потребната лиценца.

„Кајзерслаутерн е еден од најголемите клубови во Германија. Имаме играно многу легендарни дуели против нив. Фудбалот постои поради емоциите, спортското ривалство и солидарнодста. Затоа се одлучивме да помогнеме и се надеваме дека Кајзерслаутерн во скоро време повторно ќе го видиме во Бундеслигата“, вели директорот на Баерн, Карл-Хајнц Румениге.

Популарните „црвени-ѓаволи“ во клупската историја вкупно четири пати биле шампиони на Германија. Последен пат тоа се случи во 1998 година кога влегоа од втората лига и на перфектен начин ја одиграа сезоната за да стигнат до тронот. Во последните 10-тина години тимот најчесто играше во втората Бундеслига, но минатата сезона испаднаа во трета лига. Финансиите се најголемиот проблем за овој некогашен шампион.

Ова не е прв пат Баерн да помага на германските клубови. Баварците ѝ имаат помогнато и на Борусија Дортминд да не се распадне, но за тоа се дозна неколку години подоцна. Сега, токму Борусија Дортмунд е најголем ривал на Баерн во трката за титулата. Мечеви за помош Баерн има организирано и во корист на Сент Паули, Кикерс и Офенбах.

Едноставно, Баерн Минхен покажува дека освен што е најтрофеен клуб во Германија, тој се грижи и за останатите клубови.

- Оглас -

Најнови вести