24.8 C
Skopje
недела, 13 јули 2025

Тоа го може само Кристијано

Кристијано Роналдо за прв пат во кариерата една сезона ја заврши на четвртото место со клубот во кој игра. Јувентус буквално во последното коло се избори за место во Лигата на шампиони и се спаси од дебакл, да не игра во елитната лига на УЕФА.

Иако ова беше сезона за заборав, барем кога се работи за освоените трофеи и успеси, Роналдо сепак успеа да постави уште еден рекорд. Во третата сезона во дресот на Јувентус, Роналдо прв пат успеа да стигне до титулата најдобар стрелец во Серија А.

Ако пред две сезони Роналдо заврши зад Фабио Кваљарела, а лани подобар од него беше Чиро Имобиле, овојпат Кристијано беше најдобар. Португалецот ја заврши сезоната со 29 погодоци во првенството, оставајќи ги зад себе Ромелу Лукаку од Интер со 24 гола и Луис Муриел од Аталанта со 22 погодоци.

Со ова постигнување, Роналдо стана првиот фудбалер кој успеал да биде најдобар стрелец во една сезона, во три од петте најдобри првенства во Европа. Претходно Роналдо беше и најдобар стрелец во Премиер лигата како играч на Манчестер јунајтед, а ја освојуваше и титулата прв стрелец во Примера дивисион додека го носеше дресот на Реал Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести