Атлетико Мадрид е во одлична форма периодов, има серија од дури девет победи по ред во сите натпреварувања, што е втора најдолга триумфална низа во нивната клупска историја.
Она што посебно импресионира кај тимот на Диего Симеоне е што не се откажуваат до последен момент и на голем број на натпревари сезонава победуваа или се спасуваа од пораз во финишот. Ова потсетува на резултатите на Баер Леверкузен во минатата сезона.
Атлетико сезонава победи во Билбао со гол во 92-ра минута, во 90-та минута беше победничкиот гол против Селта во Виго, па во 95-та израмнија и се спасија од пораз во дербито против Реал Мадрид. Алавес го победија со гол во 86-та минута, а синоќа ја победија Севилја со гол во 94-та минута.
Тоа беа лигашките средби.
Во купот на Шпанија, прво победуваа со голови во 81-ва и 89-та минута, а потоа со голови во 92-ра и потврда во 96-та минута.
Во Лигата на шампионите, Лајпциг го победија со 2-1 со победнички гол во 90-та минута, а во Париз против ПСЖ славеа исто со 2-1, а погодокот за 2-1 падна во 93-та минута.