Четири години немаме победа над селекција која е во Топ 100 на ФИФА листата!

Згасна уште една желба на фудбалската репрезентација на Македонија за настап на големо натпреварување. Светскто првенство во САД, Канада и Мексико ќе го гледаме без шанса да навиваме за нашата репрезентација. Тоа стана јасно откако синоќа на гостувањето кај Данска во Копенхаген, Македонија загуби со убедливи 4:0.

Пред мечот, сите потајно се надевавме дека Македонија може да изненади, дека може да се случи чудо како што тоа беше пред четири години во Палермо, кога со еден шут ја победивме и ја елиминиравме Италија. Сепак, тоа не се случи. А реално и не може да се случи ако се знаат резултатите на Македонија во последните четири години.

Токму „Чудото во Палермо“ е последниот меч на кој Македонија на фудбалски план победи репрезентација која е подоброрангирана од неа на ФИФА-листата. По Италија, кога и да сме играле со подобро рангирана селекција, Македонија нема победа.

Ако се погледнат резултатите во последните четири години, Македонија, која моментално е на 67-мото место на ФИФА-листата, нема НИТУ ЕДНА победа над противник кој е во Топ 100 на ФИФА-листата. Од март 2022 година до денеска, Македонија се радува на триумфи против селекции кои едноставно и мора да ги победуваме затоа што не може да припарат ни во Топ 100 на ФИФА листата.

Македонија во последните четири години ги победуваше Лихтенштајн (5:0 дома), Казахстан (0:1 гости), Лихтенштајн (0:3), Фарски Острови (1:0), Летонија (1:0), Ерменија (0:2), Летонија (0:3), Ерменија (2:0), Ерменија (3:1), Малта (0:2), Фарски Острови (1:0), Малта (2:1), Гибралтар (4:0) и повторно Гибралтар (0:2). Сите овие репрезентации се многу слаби, никогаш не припариле до големо натпреварување и едноставно е залажување да мислиме дека ако нив ги победиме, имаме квалитет да бидеме дел од некое големо натпреварување.

Едноставно претстои многу работа во националниот тим, многу корекции, промени ако сакаме да престанеме да сонуваме и конечно да имаме некаква реална шанса за настап на голем собир.

- Оглас -

Најнови вести