Ливерпул славеше против Челзи на „Стемфорд бриџ“ и со тоа стана првиот клуб во ерата на Премиер лигата што успеал две сезони по ред да започне со шест победи. Црвените уште во првото полувреме дадоа два гола и најавија дека се главни конкуренти за трофејот кој го чекаат три децении во првенството.
Интересно е тоа дека денеска е точно една година како на чело на Премиер лигата се менуваат само Ливерпул и Манчестер сити. Челзи беше последниот друг клуб кој бил лидер, а тоа било на 22 септември 2018 година.
Поразот за Челзи го направи Френк Лампард, тренерот со најлош старт на сезоната на домашен терен во последните 31 година. Со Лампард на чело, Челзи на „Стемфорд бриџ“ има две ремија (Лестер и Шефилд Јунајтед) и два порази (Ливерпул и Валенсија). Последен пат кога Челзи бил без победа во првите четири меча пред своите навивачи е во далечната 1988 година, кога под водство на тренерот Боби Кембел тимот имал три ремија и еден пораз.