Точно една година од чудото на „Енфилд роуд“, Меси немоќно гледаше, Ливерпул блескаше (Видео)

На 7 мај 2019 година се одигра еден од најспектакуларните мечеви во Лигата на шампионите. Легендарниот стадион „Енфилд роуд“ беше местото на кое се одигра дуелот за памтење. Се играше реванш-мечот од полуфиналето од Лигата на шампиони, а Барселона допатува во Англија како голем фаворит за пласман во финалето.

Каталонскиот гигант во Ливерпул замина со залиха од 3:0 по првата средба и речиси никој не очекуваше дека Меси и дружината може да прокоцкаат таква предност. Сепак, на спротивната страна беше гигант кој никогаш не се откажува. Неверојатниот пресврт го најави Ориги со погодокот во седмата минута, а Ливерпул на полувреме замина со предност од 1:0.

Отворањето на второто полувреме беше како што само може да посакаат во Ливерпул. Вајналдум во период од 120 секунди успеа да даде два гола, па во 56-тата минута на семафорот веќе стоеше 3:0 за домаќините, што значи дека беше анулирана негативата од првиот меч.

Магичната ноќ на „Енфилд роуд“ беше заокружена со неверојатниот корнер на Александер-Арнолд. Во 79-тата минута Ливерпул требаше да изведе удар од аголот, играчите на Барселона едноставно „заспаа“, а Ориги го искористи перфектното додавање од Александер-Арнолд и започна лудилото во славење на повеќе од 50.000 фанови на домаќините.

Играчите на Барселона едноставно не знаеја што ги снајде и до крајот на мечот не успеаја да дадат погодок, па Ливерпул се пласираше во големото финале од ЛШ, каде што подоцна и победи со 2:0 против Тотенхем и сега ја има титулата европски првак.

 

- Оглас -

Најнови вести