Тудор е само четврти тренер во историјата на Премиер лигата кој добил отказ за помалку од 50 дена

Хрватскиот стратег Игор Тудор не се прослави на клупата на Тотенхем и само по 44 дена откако беше назначен за тренер, доби отказ. Тудор го остави Тотенхем на 17-тото место на табелата во Премиер лигата само со 30 бода, еден повеќе од Вест хем, кој е во зоната за испаѓање. Го водеше тимот на пет првенствени меча и освои само еден бод (реми против Ливерпул). Со Тудор на клупата, Тотенхем испадна и од Лигата на шампионите од Атлетико Мадрид.

Сите овие лоши резултати беа доволна причина Тудор да добие отказ од лондонскиот тим и да влезе во „елитното“ друштво на тренери кои не успеале ни 50 дена да бидат на клупата откако биле назначени.

Во историјата на Премиер лигата само тројца тренери се задржале помалку во еден тим од Тудор. Легендарниот Сем Алардајс во мај 2023 година се обидуваше да го спаси Лидс од испаѓање. Иако Алардајс изгради репутација на тренер кој ги спасува екипите од испаѓање, сепак во ситуацијата на Лидс беше предоцна затоа што имаше само четири средби до крајот, па соработката траеше само 30 дена, во кои во четири меча Лидс претрпе три порази, а еднаш одигра нерешено.

Ангел Постекоглу е втор на оваа листа на тренери со најкратко останување во еден клуб. Постекоглу во Нотингам форест се задржа само 39 дена, период во којшто во пет меча имаше четири порази и само едно реми. Пред Тудор е само уште Лед Рид, кој во Чарлтон остана едвај 41 ден. Во тој период Чарлтон одигра седум меча и имаше биланс од една победа, едно реми и пет порази.

Тудор остана 44 дена во Тотенхем, па сега е на четвртото место на најбрзо избркани тренери во Премиер лигата, преземајќи го приматот на Хави Гарсија, кој во Лидс остана 69 дена и сега е на петтото место на оваа непопуларна вечна листа.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести