Толку беше од Лејкерси за оваа сезона, Руди Гобер „ги исуши“ Езерата

Минесота тимбервулфс со 4-1 во победи го елиминираше фаворизираниот тим на Лос Анџелес лејкерс. Рано утрово Шумските волци беа подобри од Езерџиите со 103-96, благодарение на феноменалното издание на францускиот центар Руди Гобер кој доминираше во рекетот и мечот го заврши со 27 поени и дури 24 скока.

Ова се лични плејоф рекорди на Гобер. На првите четири меча во оваа серија, Гобер даде вкупно само 14 поени, па овие 27 на петтата средба се чудесни. Минесота погоди само 7 тројки од 47 обиди, но со одбрана најдоа начин како да победат. Лука Дончиќ со 28 поени беше прв стрелец на мечот, но Словенецот се мачеше со болки во грбот. Леброн Џејмс на својот последен меч сезонава даде 22 поени.

Во следната рунда од плејофот, Минесота ќе игра против Хјустон или Голден стејт. Таму резултатот е 3-2 за Вориорс, откако синоќа Рокетс победија со 131-116 и си ги продолжија надежите.

На 5,50 минути до крајот на третата четвртина Хјустон водеше со 93-64, и гоститее кренаа бел знаме, на клупа ги повлекоа стартерите Кари, Батлер, Грин, Подзиемски и Хилд кои веќе не се вратија на терен. Резервите на Голден стејт на овој меч постигнаа дури 76 поени.

- Оглас -

Најнови вести